Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска – младоженци во срцето на мијачката приказна

Овој викенд, од 11 до 13 јули, Галичник повторно ќе заживее во духот на вековната традиција – започнува „Галичка свадба“, симболот на љубовта, културното наследство и обичаите на Македонија. Министерството за култура и туризам на својот фејсбук профил објави дека годинашни младоженци се Јован Филипоски, потомок на старото галичко семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска, кои традиционално ќе ја крунисаат својата љубов на оваа културна манифестација.

Звукот на зурлите и тапаните ќе одекнува низ Галичник

Галичник, живописното село во срцето на мијачкиот крај, и оваа година ќе биде центар на автентична свадбарска атмосфера, препознатлива по ритуалите, носиите и звуците на зурлите и тапаните. „Галичка свадба“ е манифестација што го обединува домашното население и туристи од целиот свет, кои доаѓаат да ја почувствуваат македонската традиција во нејзиниот најавтентичен облик.

Поддршка од институциите за зачувување на националното културно богатство

Манифестацијата повторно е под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Со ова се потенцира важноста на „Галичка свадба“ како културен симбол, вреден за институционална заштита и меѓународна промоција.