Со официјални обраќања на премиерите на Северна Македонија Димитар Ковачевски, на Албанија, Еди Рама и на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија денеска во Охрид почнува Самитот „Отворен Балкан“.
Според најавата од владината прес-служба, обраќање ќе има и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, а преку видео порака ќе се обрати и заменикот помошник на државниот секретар на САД Габриел Ескобар.
Лидерите на земјите учеснички на самитот, предвидено е да потпишаат договор за соработка и меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции и меморандуми за разбирање за соработка во областите туризам, култура и даночна администрација во Западен Балкан.
По официјалните обраќања ќе се одржат панел сесии за туризам и култура. На „Отворен Балкан, отвора туризам“, свое обраќање ќе има вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, како и со министерката за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро Фурхи и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Татјана Матиќ ќе дискутираат за придобивките од иницијативата и мерките, кои ќе се преземат за развој на туризмот на регионално ниво. Присутни ќе бидат и претставници на бизнис заедницата од земјата и регионот, а обраќања ќе имаат и претседателите на коморите на Северна Македнинија и Србија Бранко Азески и Марко Чадеж, како и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија.
На панел сесијата на тема „Отворен Балкан, отвора култура”, воведно обраќања ќе има вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, со Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија ќе дискутираат за важноста на културата во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.
Лидерите, синоќа имаа неофицијална вечера, на која дискутираа за тековните економски предизвици и можностите што ги нуди регионалната соработка во рамки на иницијативата „Отворен Балкан”.
„Отворен Балкан“ е регионална иницијатива воспоставена од Северна Македонија, Албанија и Србија за поголема економска и друга соработка меѓу трите земји, со цел подобар живот на граѓаните. Иницијативата предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки.