По завршувањето на рокот за иселување на жителите чии имоти биле експроприрани, Градот најавува почеток на работите на трасата кај мостот.
Почнува уривањето на објектите и пробивањето на трасата кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето во емисијата „Колегиум“ на телевизија Алфа.
Според најавата, рокот за иселување на жителите на чии имоти е завршена експропријацијата истекол, со што, како што посочи Ѓорѓиевски, се создадени услови за почеток на работите на терен.
Целта е да се пробие трасата која ќе го поврзе мостот со останатата сообраќајна мрежа и конечно да се овозможи негово целосно користење.
Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ со години во јавноста беше познат како „мостот што не води никаде“, но и како „мостот за ловење риба“, бидејќи иако беше изграден, немаше целосна сообраќајна врска со патната мрежа. Град Скопје и претходно го опишуваше мостот како врска меѓу булеварот „АСНОМ“ и Ќерамидница.
Ѓорѓиевски во емисијата се осврна и на процесот на експропријација. Тој рече дека граѓаните чии имоти биле опфатени со проектот не требало со години да чекаат за обесштетување.
Според него, надоместоците биле исплатени веднаш по завршувањето на постапките, а Градот им помогнал на семејствата и во процесот на иселување.
– Лично застанав зад овие граѓани и ниту еден човек не беше оставен сам да се справува со проблемот – порача градоначалникот.
Најавата доаѓа откако во изминатиот период веќе започна расчистувањето на делови од трасата во Ќерамидница. Претходно, токму експропријацијата на имотите беше една од главните пречки за поврзување на мостот со новата сообраќајница.
Со пробивањето на трасата треба да се создадат услови мостот да стане вистинска сообраќајна врска, наместо инфраструктурен објект кој со години стои без целосна функција.
Ѓорѓиевски потсети дека првично реализацијата на проектот била предвидена во подолг рок, но тврди дека работите ќе завршат значително порано.
Следниот чекор е расчистување на теренот и пробивање на трасата, по што ќе треба да следат останатите активности за целосно ставање на мостот во функција.
Извор: Плусинфо
