Постапка за утврдување одговорност кај затворските полицајци ќе има, а откога во затворот „Идризово“ беше откриен тунел што два месеца тивко се пробивал од страна на затворениците што планирале бегство. Извори за „Макфакс“ посочуваат дека освен Обвинителството, каде што се води предмет за целиот случај, пропусти за непостапување ќе се бараат и преку внатрешна постапка во казнено-поправната установа. Ова ќе значи утврдување одговорност кај полицајците што требало да го контролираат овој дел од дворот, но намерно или ненамерно не го правеле тоа. Засега нема суспендирани полицајци од работа.

Истражните органи не ги откриваат ниту имињата на осумтемина затвореници за кои МВР кажа дека го копале тунелот. Познато е само дека дворот на затворот, каде што е ископан тунелот, за прошетки го користат затвореници осудени на казни над 10 години. Меѓу нив има и борци повратници од Сирија и Ирак, доброволци во ИСИС и Ал каеда.

Затворот „Идризово“ е црна точка и за новиот министер за правда, Кренар Лога, кој пред новинарите посочи дека се лоши условите, но и капацитетите со кои се располага.

Тунелот во затворот „Идризово“ беше откриен пред шест дена. За него, МВР знаело два месеца. Тие посочија дека најмалку осум затвореници стојат зад неговото ископување. Внатре имало и светло. Затворениците за кои постои сомнеж дека копале имаат казни затвор над 10 години.