Полициски службеник е лишен од слобода поради сомнение за кривично дело изнуда, соопшти Министерството за внатрешни работи. Против него е поднесена кривична пријава, а ќе следува и суспензија од работното место.
Од МВР информираат дека полицискиот службеник излажал граѓанин дека неговиот син му должи пари и од него барал да ги врати.
„По претходна пријава од граѓанин во Одделението за криминалистички работи Гази Баба за сторено кривично дело Изнуда од полицискиот службеник Х.З.(48), Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презеде соодветни мерки и активности за расчистување на случајот. Имено, граѓанинот пријави дека Х.З. заедно со други лица во повеќе наврати му барале 20.000 евра, пари кои наводно синот на пријавителот ги земал од него. После тоа, преземени се мерки и извршена е криминалистичко-техничка обработка на парични средства, а на 25.12.2025 на подрачјето на Центар, непосредно по примопредавањето, Х.З. е лишен од слобода и при извршен претрес кај него се пронајдени 20 апоени од по 50 евра“, соопшти полицијата.
Полицискиот службеник е задржан во полициска станица, се додава во соопштението.
„Единицата за насилен криминал, Одделението за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје, против Х.З. поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Изнуда, по член 258 од Кривичниот законик. Одделот за внатрешна контрола против Х.З. ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка“, соопшти полицијата.
На пријавениот полициски службеник, судија на претходна постапка му определи мерки на претпазливост.
