Варшава соопшти дека е ослободена од прераспределбата на бегалци
Полска нема да прима дополнителни баратели на азил и само делумно ќе ги применува новите правила од Пактот на ЕУ за миграција и азил, соопшти Министерството за внатрешни работи во Варшава, откако новиот систем на Европската Унија стапи во сила.
Според Министерството, земјата е ослободена од механизмот за прераспределба на бегалците во рамките на Унијата, како и од обврските поврзани со трошоците што произлегуваат од тој процес.
Во соопштението се наведува дека за време на двегодишните преговори со Брисел, Полска успеала да обезбеди решенија кои се приспособени на полските услови.
„Полска ќе ги применува само оние одредби што ја зајакнуваат заштитата на границите, ја заоструваат миграциската политика и го подобруваат пристапот до податоци што придонесуваат за борба против нелегалната миграција“, се додава во соопштението.
Полска се повикува на состојбата на источната граница
Варшава смета дека ваквите отстапки се оправдани поради товарот што земјата го носи во заштитата на источната граница на Европската Унија и НАТО.
Полските власти наведуваат дека границата со Белорусија, близок сојузник на Русија, бара речиси воени средства за обезбедување. Полска и Европската Унија го обвинуваат Александар Лукашенко дека организирано носи мигранти од кризни подрачја до надворешната граница на ЕУ за да изврши притисок врз Западот.
Сепак, во последниот период е забележано намалување на бројот на нелегални влегувања во земјата.
Полска потсетува и дека примила повеќе украински бегалци од која било друга држава.
