Викендов, германското министерство за надворешни работи ги предупреди граѓаните на земјата да бидат „будни и претпазливи“ при патување во Северна Македонија поради заканите со бомби
Од американската амбасада ги потсетуваат граѓаните на САД да внимаваат и додека се движат во празничните маркети, трговските центри и другите јавни места каде се собираат голем број луѓе поради потенцијално зголемување на џебните кражби и другите ситни криминални активности
По Германија, денеска и американската aмбасада во Скопје издаде безбедносно предупредување до граѓаните на САД кои планираат да патуваат или престојуваат во земјава да внимаваат поради потенцијално зголемување на криминалот за време на празниците, но и во врска со дојавите за поставени бомби во училиштата и други објекти, како и на места каде што има голема фрекфенција на луѓе.

Од Амбасадата ги потсетуваат граѓаните на САД да внимаваат додека се движат во празничните маркети, трговските центри и другите јавни места каде се собираат голем број луѓе поради потенцијално зголемување на џебните кражби и другите ситни криминални активности.

„Исто така, има пораст на пријавени закани за бомби повеќе пати неделно низ Скопје и регионот, на станици за јавен превоз, аеродроми, хотели, трговски центри, спортски центри и училишта. Локалните органи за спроведување на законот ја истражуваа секоја закана и досега сите закани за бомби беа лажни. Ако се најдете на локација што добила закана за бомба, следете ги упатствата на локалниот безбедносен персонал и полицијата на лице место“,

се наведува во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на Амбасадата на САД во Скопје.
Мерките на претпазливост што американската Амбасада им сугерира на граѓаните на САД да ги преземат се дополнителна будност на празнични фестивали и настани, места за богослужба и локации со голема гужва.

Исто така, американските државјани се советуваат да ги прегледуваат личните планови за безбедност, да бидат свесни за околина во која се движат, да ги следат локалните медиуми за да бидат во тек со настаните, да избегнуваат метежи и протести и да се држат настрана.

Министерството за надворешни работи во Берлин викедов ги предупреди германските граѓани да бидат будни и претпазливи при патување во Северна Македонија поради заканите со бомби. На граѓаните, како што се наведува, им се препорачува да се информираат од доверливи локални и социјални медиуми во врска со актуелната ситуација и да ги следат препораките на локалните власти и безбедносни сили.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информираше дека за дојавите за бомби се информирани НАТО партнерите, потенцирајќи дека вакви закани се случуваат и во регионот.

Премиерот Димитар Ковачевски , пак, порача дека станува збор за хибридна војна и потврди дека надлежните сектори во МВР работат на ова прашање во координација со партнерските служби од НАТО.

„Кога се организирани со ваков интензитет, со толку широк опфат, со таргетирање на места, институции, објекти и градови со голем број жители, каде што се повторува моделот на пораки кои се исти во повеќе држави, а се исти во многу држави, тогаш може да се постави претпоставка дека се работи за хибридна војна. Ако е изолиран случај на адолесценти, на хакери, тогаш нема во толку многу држави на толку исти институции во толку исти денови, со толку ист интензитет да се случуваат ако се изолирани случаи“,

рече Ковачевски, минатата недела.