Еден од говорниците на трибината беше и проф. д-р. Весна Јаневска која се осврна на проблемите кои ги создаде владата во образованието, а последиците ги чувствуваат наставниците, родителите и учениците.
-Во однос на концепцијата веќе многу се зборуваше и претпоставувам дека огромен број од вас веќе знаат за што станува збор. Станува збор за нова концепција за реформи во основното образование, но исто така се најавени реформи и во средното образование. Ќе издвојам неколку значајни работи кои ние сме ги кажале, но во јавноста не сите реформи се јасно воочени. Од тука ќе почнам за она кое што ние сурово го кренавме нашиот глас, а тоа е интегрирањето на повеќе предмети во еден предмет, односно на пример физика, хемија и биологија во биолошки науки, историја, географија и граѓанско општество во општествени науки. Па потоа се сетија од власта дека тоа треба биде хуманистички науки. Тој систем не е непознат во светот, некаде во светот и функционира, меѓутоа кај нас претставува драстична промена особено значајна за тоа што нашата држава во овој момент е во една многу сензитивна, многу деликатна политичка ситуација. Името е променето со Преспанскиот договор, ако тоа беше цената што требаше да се плати за НАТО, цената што треба да ја платиме за ЕУ е невозможна и недозволива, значи тоа е бришење на нашиот идентитет, бришење на нашата историја, бришење на нашиот јазик, а тоа за нас е неприфатливо, нагласи Јаневска.
Јаневска додаде дека оттука интегрирањето на предметите историја и географија заедно со граѓанско општество претставува знак дека најверојатно ќе се направат промени во историјата поради преговорите со источниот сосед. ВМРО-ДПМНЕ и граѓанските организации се побунија за ова.
-Недозволиво е дури и децата на сред полугодие да остануваат без учебници. Да наставници треба да предаваат според предвидената програма, но децата мора да имаат учебник. Значи повлекување на учебник поради политички причини имало само во најтоталитарните режими, во други општества особено демократскии тоа не е можно, рече Јаневска.
Јаневска посочи дека ВМРО-ДПМНЕ кога ќе се врати на власт сите предмети ќе си бидат посебни предмети, како што беше досега, за да може децата да навлезат во науката.
-Деновиве јавно министерката ќе ја прашам како едно дете со оштетен вид ќе тргне од први септември на училиште, бидејќи училиштата за децата со оштетен вид во моментов не може да запишува ученици, нагласи Јаневска.
Јаневска рече дека министерката за образование не мисли ниту за децата од средините каде што немаат пристап до интернет, а воведува дигитални учебници. Министерката ниту еднаш не помисли на децата на кои што родителите не можат да им обезбедат компјутер или таблет. Зар поради каприците на министерката за образование на многу деца ќе им биде ускратено правото за образование.
-ВМРО-ДПМНЕ е партија која што се грижи за целиот македонски народ, ние не се грижиме само богатите, ние напротив сакаме да се грижиме и за тие кои што немаат можност како оние кои влегуваат во да речеме богатите слоеви на општеството, појасни Јаневска.
Јаневска додаде дека министерката со своите реформи ги дискриминира децата, но и наставниците.