Вчера во 12.26 часот на експресниот пат А3 Кочани Штип во близина на село Чешиново, се случила сообраќајна несреќа помеѓу три возила. Едното возило голф со кочански регистарски таблици, другото возило сеат со скопски регистарски таблици и третото цитроен со винички регистарски таблици.

На местото на несреќата починале две лица, смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош Кочани, додека 7 лица се здобиле со повреди. Еден од повредените е пренесен во штипската клиничка болница, а другите шестмина во Кочанската болница.

Увидот на местото на несреќата во присуство на јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кочани е во тек.

„Јавен обвинител од ОЈО Кочани изврши увид на лице место, издадени се повеќе наредби за утврдување на причините за несреќата. На увидот присуствуваше и вешто лице од областа на сообраќајот, а според првичните сознанија до несреќата дошло при претекнување. Издадена е наредба за прибирање траги од лице место, за обдукција на телата на починатите, наредба за испитување на примероци од крв и урина од учесниците во несреќата, а ќе биде наредено и сообраќајно-техничко вештачење“, велат од Обвинителството.