Портокалова и црвена фаза на опасност од пожари е прогласена за крајот на оваа недела на целата територија на Словенија.
Црвена фаза, што означува многу висока опасност од пожари, е прогласена во подрачјата на Копер, Сежана, Дивача, Хрпелје-Козина, Комен, Нова Горица, Мирен-Костањевица и Ренче-Вогрско. Во останатиот дел од земјата е прогласена портокалова фаза, што укажува на висока опасност од пожари.
Во цела Словенија е забрането палење оган на отворен простор, како и фрлање запалени предмети или други материјали што можат да предизвикаат пожар. Забрането е и палење оган во близина на инфраструктурни објекти, употреба на предмети и уреди што можат да предизвикаат пожар надвор од населените места, како и огномети.
Инспекторатот на Република Словенија за заштита од природни и други несреќи и полицијата ќе спроведуваат засилен надзор за време на периодот на прогласена висока и многу висока опасност од пожари.
Агенцијата за животна средина на Република Словенија (АРСО) предупреди дека топлотното оптоварување ќе се зголеми кон крајот на неделата. Највисока, црвена фаза на предупредување за временски услови е издадена за југозападниот дел на земјата, каде што температурите ќе достигнат до 39 степени Целзиусови, при слаб ветер.
АРСО го зголеми нивото на временско предупредување за следните денови. Денеска највисоката дневна температура ќе биде од 31 до 36 степени, со очекувања за постепено зголемување за неколку степени секој ден.
Во моментов портокалова фаза на предупредување за топлина е на сила во југоисточниот и централниот дел на Словенија, додека во петок портокалова фаза ќе важи за целата земја поради високите температури. Во сабота и недела црвена фаза е прогласена за југозападниот дел на земјата.
