Владата прогласи кризна состојба на целата територија на Македонија поради зголемениот ризик од пожари на отворено и шумски пожари. Одлуката стапува во сила утре и ќе важи 30 дена, а Главниот штаб при Центарот за управување со кризи ќе биде во постојано заседавање.
Во рок од 24 часа штабот треба да подготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување на сите надлежни институции.
„Во рамките на донесената одлука се предвидува активирање на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање и во рок од 24 часа ќе изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции. Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно со прописите за управување со кризи и во целост да ги стават на располагање своите капацитети, со цел навремена и ефикасна реакција на терен“, соопшти владината прес-служба.
Од Владата наведуваат дека мерката е донесена за навремено, координирано и ефикасно справување со состојбата, како и за мобилизирање на сите расположливи институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси.
