Главното прашање е зошто полицијата не постапила според методологијата на работа, уште од убиството на Панче Жежовски, во тој случај евентуално можело да се избегне убиството на Вања Горчевска, вели Дејан Раденковиќ, поранешен помошник началник на одделот за криминалистичка полиција на МВР на Србија, кој за „Блиц“ го анализира двојното убиство во Македонија, случај кој го потресе и регионот, пренесува Република.
Ништо не е направено како што треба. Кога било пријавено неговото исчезнување, локалната полиција не постапила соодветно. По пријавата, полицијата морала да излезе на местото на настанот, да разговара со соседите… Си има процедура која мора секогаш да се почитува кога се работи за исчезнати лица, вели Раденковиќ.
Посочува дека е убеден оти, доколку веднаш се отпочнеше потрагата по Жежовски, ќе беше спречено убиството на Вања. Раденковиќ се прашува и како е можно полицијата да не го бара возилото „цитроен“, кога било забележано дека и тоа го нема.
Има паметни камери, само внесете го регистарскиот број и ќе ве известат кога ќе го снимат тоа возило, вели Раденковиќ.
Прашува и зошто некому навистина му требало возило на некој старец и зошто би морало да се убие човек поради тоа, кога возило може да се украде на секој чекор.
Палчо сигурно имал човек внатре
Според криминологот, осомничениот Љупчо Палевски Палчо сигурно имал информации за текот на истрагата и дека затоа решил да избега од државата. Интересно е, смета Раденковиќ, и тоа што заминува во Белград со адвокат, бидејќи очигледно сакал да го има „при рака“. Тој очекува и екстрадицијата да трае до една година, а обвинетиот Палчевски да ги искористи сите средства за да ја избегне правдата во неговата земја.
По монструозните убиства, Палчо се однесуваше сосема нормално. Одржуваше конференции, се рекламираше на социјалните мрежи… Ќе видиме дали е психопат. Тој е човек кој знаел да манипулира – не би ме чудело да ги убеди овие луѓе дека злосторствата навистина се направени за 500 евра и за личен интерес. Сигурно ја злоупотребил својата социјална положба која ја стекнал со политички ангажман. Тој сигурно имал информации за тоа како се одвива потрагата по Панчо и дека полицијата не презема апсолутно ништо во врска со тој случај. Затоа се движеше толку опуштено и го правеше тоа што го прави. Апсолутно сум сигурен дека имал помошник, односно некој кој му откривал во која насока оди истрагата. Сигурен сум дека ќе ги искористи сите правни средства што му се на располагање за да ја одложи екстрадицијата. Адвокатите добро ќе ја подготват одбраната, вели Раденковиќ.
Шпекулациите дека во целиот случај е вмешана секта, Раденковиќ ги оценува како можност македонската полиција намерно да објавува лажни информации, за да го оттргне вниманието од истрагата.