Локалните медиуми јавија дека побуната избила во затворот „Литорал” во градот Гвајакил, во југозападниот дел на земјата.

Според последните информации, во немирите загинале најмалку 68 лица, додека повредени се 12 луѓе. Локалните медиуми пишуваат дека побуната и немирите во затворот сè уште траат.

Со цел да се стави бунтот под контрола, претходно во затворот се испратени голем број припадници на војската и полицијата. При претресот запленето е поголемо количество оружје и различен остар алат.

Се наведува дека причина за бунтот е борбата за лидерство меѓу затворските банди и лошите услови во затворот.

Претседателот на Еквадор, Гиљермо Ласо, на прес-конференција на 31 септември објави дека во сите затвори во земјата е прогласена 60-дневна „вонредна состојба”.

Во еквадорските затвори, во кои се наоѓаат околу 38.000 затвореници, чести се слични инциденти меѓу бандите. Во нередите на 24 февруари кои избувнаа истовремено во три градови во земјата, животот го загубија 80 затвореници, потсетува Анадолија.