Во Скопје утре, 14 февруари, ќе важи изменет режим на сообраќај поради верскиот празник Задушница. Мерките, како што соопшти Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, почнуваат од 06:00 часот.
Кон градските гробишта Бутел сообраќајот ќе се одвива кружно и во една насока. Возилата ќе се движат по улица Бутелска, лево по улица Александар Урдаревски, повторно лево по улица Боца Иванова и десно кон влезот на гробиштата.
Излезот од гробиштата ќе биде десно по улица Боца Иванова до кружниот тек на Бутелска, потоа лево по Бутелска и десно по улица Кемал Сејфула.
Посебен режим ќе има и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров, каде што се очекува зголемен број возила и посетители.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници и поставената сообраќајна сигнализација.
