На колекторскиот систем во населеното место Миладиновци деновиве се поставени два препумпни уреди, а досега се изградени 1200 метри канализациона линија.

Со поставувањето на препумпните уреди ќе се постигне одведување на фекалните отпадни води кон веќе изградената пречистителна станица со капацитет од 1250 еквивалент жители.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски денеска направи увид во работните активности во населеното место Миладиновци, и истакна дека со реализацијата на овој проект ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните во Миладиновци, како и подобрување на заштитата на животната средина.