По Бајрам-намаз следуваат посети, молитви и семејни средби
Верниците од исламска вероисповед денеска го одбележуваат Рамазан Бајрам, празник што доаѓа по едномесечниот пост и се смета за време на духовно и телесно прочистување. Утрото започна со Бајрам-намаз во џамиите, по што следуваат посети на гробиштата и средби со најблиските.
Рамазан Бајрам е државен празник во Македонија и денешниот ден е неработен за сите граѓани.
Празникот доаѓа по месецот Рамазан, деветтиот месец во исламскиот календар, кога верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце. Во текот на овој период, тие имаа обврска да даваат садакатул-фитр, односно милостина за сиромашните, која треба да се подели пред утринската молитва или во текот на годината.
Празник на прошка, солидарност и заедништво
Рамазан Бајрам се смета за ден кога се истакнуваат вредностите на љубов, милост и солидарност. Тоа е време кога семејствата се собираат, се посетуваат роднини и пријатели и се зацврстуваат меѓусебните врски.
По повод празникот, честитка упати поглаварот на ИВЗ, Реисул Улема Шаќир Фетаи, кој испрати порака за мир и заедништво.
„Фитр Бајрам е ден на помирување и зближување. Тоа е ден кога треба да ги отвориме нашите срца, да си простиме еден на друг и да ги зацврстиме семејните и општествените врски. Посетите, честитките и насмевките што ги разменуваме денес се знак на убавите вредности што Исламот ги негува меѓу нас. Да го искористиме овој празник за да размислиме за самите себе и да продолжиме по патот на добрината што го започнавме во Рамазан. Да бидеме луѓе на мирот, правдата и солидарноста во нашите семејства, во нашето општество и каде и да живееме. Нека Алах го направи овој празник извор на мир, благосостојба и среќа за сите“, порачува Фетаи во честитката.
