Каде Рама ја направи клучната и непростлива грешка, која му ги откри сите скриени намери и планови? Тоа е учеството на министерката за надворешни и европски работи, Олта Џачка. Со нејзиното присуство, средбата доби едно државен, сеалбански карактер, за прашања клучни за македонската држава. Без Џачка на неа, како средба на политички лидери, дури можеше и да се мавта како за нешто што може да се проголта. Ама, вака… Впрочем, и без неа, настанот е крајно неприфатлив и навредлив за нашата земја, ама таа ја откри суштината, пишува Ристо Никовски во колумна за Плусинфо.

За среќа, и во овој случај, со малку поопстојна анализа, лесно се доаѓа до вистината. Неспорно е дека настанот воопшто не е случаен туку е резултат на трајни и долгорочни, мегали политики на Албанија, започнати некаде во 1950-тите. Жално е што, како и многу пати досега, македонските политичари немаат поим што се случува и каква судбина му се крои на македонскиот народ. Не само од Тирана. Еве зошто.

Прво, Рама ни покажа дека тој и неговата влада доминираат и во Македонија, која мора да ги следи нивните интереси; дека Тирана е носител на евроинтеграцијата на Албанците од регионот, игнорирајќи ја улогата на Македонија; и, над сѐ- дека тој е носител и менаџер на големоалбанскиот проект.

Второ, оваа иницијатива на Рама отворено го реафирмира нивниот патернализам кон сите Албанци во регионот. Истиот, не само што не стивнува туку турбо продолжува и сега нивниот главен интерес е во Македонија. Резултатите се веќе тука – процесот на албанизација на нашата држава е при крај и, по неуставно воведената двојазичнот, нејзината формална федерализација е веќе само техничко прашање.

Трето, потегот на Рама е маестрален доказ дека големоалбанскиот проект останува централна политичка цел на Тирана, ама и на сите албански политичари во регионот. Впрочем, во дадените услови, кога на очиглед на светот се бришат Македонците, тоа е и сосема логично во однос на нас.

Четврто, иницијативата на Рама е директна шлаканица за Македонија и тешка навреда за нејзината власт. Во основата, тоа е флагрантно мешање во нашите внатрешни работи и негирање на нашиот државен суверенитет. Реакцијата на Пендаровски и на Ковачевски дека Рама бил наш докажан пријател е прво смешна а дури потоа трагична. Тие ја поздравуваат средбата место, барем, благо да ја осудат или да изразат одредена резерва или дилема, или да предложат некаква заедничка, меѓудржавна алтернатива… Така мора да биде кога, веќе, директно и отворено не го прашуваат Рама – која му е целта? Што сака да постигне? Нивната реакција покажува до која мерка Македонија е денес навистина ЗАРОБЕНА ДРЖАВА, како никогаш досега. Замислете, тие немаат никаков маневарски простор, да го оспорат безобразието на Рама и да ги бранат фундаменталните интереси на македонскиот народ и државата. Ееееј, до каде нѐ (и се) дотераа!?