Во голема спасувачка акција на крајбрежната служба на Грција за извлекување по морски пат на заглавени мигранти од карпест дел на грчкиот остров Гавдос, спасено било 41 лице. Од нив четворица се повредени и пренесени во болница, а две лица биле пронајдени во безживотна состојба, додека вкупниот број на мигранти откриени во морскиот дел јужно од Гавдос и Крит надминува 700 лица.
Во спасувачката операција за извлекување на заглавените лица интервенирал брод на силите на Фронтекс со директна помош на приватен чамец. Од спасените лица, четворица со патролен брод на грчката крајбрежна служба веднаш се пренесени на Крит за да бидат сместени во здравствена установа заради укажување медицинска помош.
Паралелно, според информациите од Крајбрежната служба на Грција, во текот на ноќта и денешниот ден надлежните интервенирале во над десет одделни операции при што биле спасени вкупно 756 мигранти. Тие со над десет чамци биле забележани во морскиот дел јужно од Гавдос и Крит, по што сите биле безбедно спроведени до пристаништата.
Осум од овие операции биле реализирани во близина на островот Крит, а останатите кај малиот остров Гавдос, кој претставува најјужната географска точка на Грција и на цела Европа. Голем број од пловните садови претходно биле локализирани со помош на воздушни средства и беспилотно летало управувано од силите на Фронтекс.
Во импровизираните чамци се превезувале меѓу 36 и 50 лица, со исклучок на два сада во кои биле натрупани 80 односно 102 лица. Локалните медиуми од Крит известуваат дека бројката на спасени мигранти во текот на денот е уште повисока и постои можност да надмине 1.000 лица, кои пристигнале организирани во преку 20 одделни чамци.
