Во третото тримесечје од 2026 година во земјава се родени 4.160 живородени деца, што претставува намалување за 4,8 проценти во споредба со истиот период лани. Во истиот временски интервал починале 4.807 лица, или за 0,1 процент повеќе во однос на третото тримесечје од 2025 година, покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Природниот прираст во државата и натаму бележи негативни вредности, односно бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица за 647.

Од вкупниот број на починати лица во овој тримесечен период, 19 се доенчиња.

Статистичките показатели за периодот јули – септември годинава бележат дека се склучени вкупно 3.524 бракови, што претставува зголемување за 0,5 проценти во споредба со истиот квартал минатата година.

Во текот на третото тримесечје во земјата се регистрирани и 397 разведени бракови.