Соработка меѓу Македонија и ОАЕ во јавната администрација
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи учествуваше на билатерална средба со шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, вицепремиер и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, при што беше потпишан Меморандум за унапредување на владините процеси и дигиталната трансформација.
Со Меморандумот се создава институционална рамка за заедничка работа насочена кон јакнење на административните капацитети, примена на иновативни модели на управување и подобрување на квалитетот на јавните услуги.
„Потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги“, информираат од МНР.
Продлабочување на билатералната соработка и нови иницијативи
На средбата се разговараше и за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и ОАЕ, како и за нови проекти за унапредување на политичката и економската соработка.
Двете страни се согласија да работат на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, поголема институционална ефикасност и зајакнување на трговската размена.
