На потпишувањето на меморандумите присуствуваа националниот координатор на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостоловски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, како и директорите на средните училишта „Кочо Рацин“ и „Марија Кири – Склодовска“, Благица Павловска и Блерим Небиу.

Директорката на овој проект, Валерија Соколова-Стојановска посочи дека со оваа активност се создаваат услови за сегашни и идни соработки при обезбедување на подобри услови за живот и развој на младите, обезбедување на стабилно општество отпорно на радикални наративи и говор на омраза, како и промоција на позитивни вредности за изградба на психофизички здрава младина.

Националниот координатор на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостоловски ја нагласи потребата од активна вклученост на граѓанскиот сектор во активностите за спречувањето на насилен екстремизам.

– Сметаме дека приодот на граѓанскиот сектор кон ранливите категории, каде спаѓаат и семејствата и луѓето кои се вратија од странските боишта, може да даде поголем резултат од она што во моментов може да го направат владините институции. Но, тоа не ја исклучува вклученоста на владините институции, рече Апостоловски.

Тој додаде дека во делот на образованието имаат направено низа превентивни обуки, особено во однос на превенирање на насилство меѓу младите.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски изрази поддршка на иницијативата нагласувајќи ја потребата преку нивната вклученост да придонесат и за намалување на насилството меѓу младите, како и во спортските активности.

– Вклученоста на Агенцијата за млади во овие активности е од исклучителна важност, затоа што на навивачки натпревари се случува насилство и ние сакаме да превенираме и да го намалиме во тој дел насилството и екстремизмот. Сведоци сме на немили настани, дали по етничка или друга основа. Сакаме да го спречиме и да помогнеме младите да не бидат дел од тие случувања, рече Мојсоски.

Меморандуми за соработка со Платформата потпишаа и градоначалниците на Струга и Куманово, Рамиз Мерко и Максим Димитриевски, како и директори на средни училишта и претставници на граѓански организации.

Меморандумот дополнително ќе го потпишат градоначалниците на Чаир и Центар, Висар Ганиу и Горан Герасимовски, кои го поддржуваат проектот, како и директорот на „Зеф Љуш Марку“, Фарук Зеќири.

Проектот „Платформа за граѓанско образование за млади за борба против радикализација (Младите против насилство)“ го предводат организациите Здружение на граѓани Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), НЕКСУС – Граѓански концепт, Здружение за развој и активизам АКВА, Струга и Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД). Проектот е финансиран од Европската Унија.