На средбата меѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Атина, беше потпишана декларација за добрососедски односи меѓу двете земји, како и 15 меѓудржавни договори, пренесе Денар.
Турскиот претседател на заедничката прес-конференција со Мицотакис рече дека „нема проблем што не може да се реши“ меѓу Турција и Грција, регионални ривали чии односи се затегнати со децении.
Мицотакис рече дека чувствува „историска одговорност да ја искористи оваа можност да ги доведе двете земји една до друга, исто како што се границите на двете земји“, објавија медиумите.
Во декларацијата за добрососедски односи се наведува дека двете земји одлучиле да негуваат пријателски односи, да се почитуваат, да живеат во мир и разбирање и да бараат решенија за секој спор во согласност со меѓународното право.
Грчките и турските министри потпишаа 15 договори за време на нивната официјална посета, вклучително и договор за едногодишна програма за визи што ќе им овозможи на турските туристи да ги посетат блиските грчки острови без да бараат дозвола.
„Се надеваме дека ќе ги решиме нашите проблеми преку конструктивен дијалог, добрососедски односи во рамките на меѓународното право“, рече Ердоган и додаде дека „ќе биде во интерес на целиот регион да се постигне праведно, трајно и одржливо решение за Кипарското прашање врз основа на фактичката состојба на островот.”
Мицотакис рече дека нивните билатерални односи во минатото доживеале турбуленции кои понекогаш биле опасни и дека е важно да се остане на „мирниот пат“ на кој двете земји одат неколку месеци.
Во разговор со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, Ердоган изразил надеж дека денешната средба за стратешка соработка меѓу Турција и Грција ќе биде можност за „нова ера во односите меѓу двете земји“.
Ердоган е во прва официјална посета на Атина од 2017 година, по повеќегодишните тензии меѓу двете земји.