Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека едно од клучните прашања каде што постои јасна разлика со опозицијата е спорот со Бугарија, кој, како што рече, претставува наследен проблем.

-Корените на сето ова мора да се бараат во подготвеноста на моите претходници да прифатат сè што е напишано, мислејќи дека на тој начин ќе ја добијат наклонетоста од одредени фактори кои кај нас не гласаат на избори, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека, според него, претходно биле прифатени решенија без доволно внимателност, што подоцна станало услов и пречка за европскиот пат.

-Сигурен сум дека нашиве им дале на бугарските политичари бел лист хартија со бланко-потпис, а тие си пишувале што ќе им текне, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека денес тоа, како што рече, претставува главен услов за продолжување на европската интеграција.

Тој се осврна и на ставовите на опозицијата, обвинувајќи ја за попустливост кон бугарските барања.

-Го гледаме предводникот на опозицијата како излегува и така лесно вели да прифатиме сè што бара Бугарија, без какви било гаранции за нашата иднина, изјави тој.

Премиерот додаде дека, според него, постои недоволно единство околу клучните државни прашања.

-Она што ме поразува е признанието на еден европски дипломат дека е вчудовиден од попустливоста на опозицијата, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека државата мора да има заеднички став за суштинските прашања.

Во однос на евроинтеграциите, Мицкоски рече дека на маса постојат две различни понуди.

-На маса имаме избор меѓу две понуди, изјави премиерот.

Тој објасни дека едната опција подразбира прифаќање на уставни измени без, како што рече, доволни гаранции, додека другата вклучува јасни услови за европскиот пат.

-Изборот е едноставен и јасен, додаде Мицкоски.

Во делот за правдата, премиерот изјави дека иако процесите се бавни, тоа не значи дека нема да има одговорност.

-Правдата е слепа, не и недостижна, рече тој.

Мицкоски додаде дека сите кои сториле криминал ќе одговараат пред институциите.

-Криминалците треба да се плашат и ќе одговараат до последниот, изјави премиерот.

Тој нагласи дека државата се соочила со сериозни институционални проблеми, но дека процесите ќе продолжат.

-Тоа што правдата е спора не значи дека е недостижна, рече Мицкоски.

Премиерот заклучи дека одговорност ќе има за сите, без исклучок.