Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес од Струмица по повод 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој се одбележува во градскиот стадион под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, во своето обраќање, зборувајќи и за историјата на Македонската револуционерна организација, посочи дека во период од околу четири децении ВМРО поминала низ три фази на своето револуционерно дејствување и постоење.
-Првата фаза, од основањето 1893 година до 1905 година била времето на подемот и единството на Организацијата, кога таа во своите редови ги обединила македонските револуционери со различни идеолошки гледишта и ставови кои воопшто не биле доминантни во споредба со идејата за создавање на автономна Македонија. Слободата на Македонија била обединувачката алка за сите револуционери, а авторитетите на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Христо Татарчев биле поттикнувачки фактор за масовноста на ВМРО и нејзиното ширење на целата територија на Македонија, рече Мицкоски, додавајќи дека освен Македонци, во ВМРО се зачленувале и луѓе од други народи кои ја прифатиле идејата на Организацијата за создавање на автономна македонска држава.
-Втората фаза во историјатот на ВМРО, од Рилскиот конгрес до завршување на Првата светска војна во 1918 година е период на внатрешни поделби, непријателства, но и дилеми по кој пат да тргне Организацијата. Состојбите се влошувале и заради балканските пропаганди кои се заканувале да дејствуваат погубно врз постоењето на ВМРО. Се создале два спротивставени табори во организационите редови: на едната страна Јане Сандански и Димо Хаџи Димов кои се залагале за децентрализација на ВМРО и постепена преобразба за време на Младотурската револуција во легален политички субјект, а на другата страна Христо Матов и Тодор Александров со своите приврзаници кои барале да се продолжи со оружената револуционерна борба со цврста централизираност во внатрешната поставеност на Организацијата, истакна претседателот Мицкоски.
И покрај поделбата на две теченија, рече Мицкоски, расправиите и фракционерските борби и создавањето на неколку различни организации и една политичка партија кои произлегле од самата ВМРО, без разлика на полемиките и различните мислења во македонската историографија, останува фактот дека и во тие тешки времиња Организацијата опстанала на историската сцена и под нејзиното име продолжила да дејствува и во времето до завршувањето на Првата светска војна.
-Третата фаза на дејствувањето на ВМРО е временски најдолга, од 1919 година до расформирањето на ВМРО на 19 мај 1934 година. Крајот на Првата светска војна и разочарувањето на македонскиот народ од решенијата во Версај, повторно ја воскреснале идејата за создавање на автономна или независна Македонија, а од пепелта на разорните борбени дејствија на македонско тло, комитите и војводите, старите илинденци, но и новите генерации на револуционери повторно го развеале црвено-црното знаме на ВМРО. Под тоа знаме, и за тоа знаме гинеле многу комити и војводи, порача Мицкоски во своето обраќање од Струмица.
