Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги известува одгледувачите на свињи дека од Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина Скопје доби потврда за појава на нов случај на болеста африканска чума кај свињите во едно одгледувалиште со екстензивен начин на чување свињи во село Моштица, општина Македонска Каменица.
-По поднесената пријава за сомнеж на болеста во одгледувалиштето, спроведена е официјална контрола од инспекциските служби на АХВ, а по извршеното лабораториско тестирање на земените мостри од угинати две свињи, од Факултетот за ветеринарна медицина, потврдено е и присуството на болеста. На одгледувалиштето спроведени се сите потребни мерки за уништување на вирусот, а во тек е и спроведување на епидемиолошка истрага за утврдување на причинителот – вели Николче Бабовски директор на АХВ.
АХВ издаде ново Решение со кое нареди преземање на контролни и заштитни мерки за сузбивање и контрола на болеста во високоризичната зона (сите општини во пограничната линија со Република Бугарија и Република Србија ), во зоната на заразено подрачје (ги опфаќа ловиштата во радиус од 20 километри од примарното жариште) и целата територија на Република Северна Македонија.
За појавата на ново жариште на болеста африканска чума кај свињите, заклучува Бабовски, АХВ официјално ги извести Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ и Европската комисија.