Педесет млади лиценцирани доктори соочени со предизвиците одлучија јавно да се обратат до министерот за здравство Венко Филипче, Министерството за финансии, до Владата и до Фондот за здравствено осигурување.
Тие ги прашуваат надлежните институции каде во лавиринтот е заглавен предметот на лиценцираните доктори, кога регуларно ќе започне 6 месечната платена пракса за сите, дали има обезбедени финансиски средства за сите доктори, дали има доволно места да сите доктори бидат прераспределени во здравствените домови низ државата во тек на предвидената временска рамка, дали ова е вистинската стратегија за задржување на младите доктори во државата?
Цел на јавното обраќање, велат, се промените кои што се донесени од страна на министерството за здравство, а воедно ги условуваат докторите стекнати со лиценца после 22.05.2019 според член 8 од измената на законот за здравствена заштита.
Лиценцираните доктори соочени со проблеми и празни ветувања, бараат да се реши нивниот проблем затоа што се заглавени во лавиринтот на министерството за здравство, министерството за финансии и здравствените домови низ државата.
Тие предлагаат или законот да важи, но да се најде начин да функционира и спроведувањето на истиот да биде експедитивно односно да почнат со работа веднаш по добивањето на лиценца, или условот да биде укинат.