Француската книжевна сцена се најде во центарот на скандал откако Телисон Орелиен, писател со потекло од Хаити, претставен како нова книжевна сензација, беше обвинет дека за пишувањето на својот прв роман користел вештачка интелигенција (AI), пишува BBC.
Орелиен ја доби наградата „Prix du Roman Fnac“, првата од книжевните награди што се доделуваат во текот на сезоната, за романот „Или ова или смрт“.
Тој исто така се најде во потесниот избор за најпрестижните годишни книжевни награди на француски јазик – „Гонкур“ и „Ренодо“, кои наскоро треба да бидат доделени.
Сепак, оваа недела малку позната група под името „Balance ton Claude“ изнесе тврдења дека книгата е „речиси во целост“ напишана со помош на вештачка интелигенција, што авторот го негираше, пренесува „Vijesti.me“.
„Тестиравме неколку извадоци од различни делови од ракописот и секојпат го добивме истиот резултат: 100 отсто AI“, навела групата на мрежата X.
Според тврдењата на групата, чиј состав не е познат, анализата била направена со програмата Pangram, за која велат дека е „убедливо најпрецизна“, со речиси занемарлива можност за грешка.
Орелиен, кој е роден на Хаити, а во 2010 година се преселил во Монтреал, веднаш ги негирал обвинувањата.
„Отсекогаш сум го сакал творештвото и книжевноста. Не гледам зошто би чувствувал потреба да користам машина“, изјавил тој за весникот „Либерасион“, додавајќи дека заедно со својот издавач „подготвува документација“ со која ќе докаже дека книгата автентично ја напишал самиот.
Издавачката куќа „Grasset“ исто така застанала во негова одбрана, наведувајќи дека обвинувањата се „ужасно навредливи кон писател со исклучителна животна приказна“, чие „творештво е оригинално и силно“.
Романот зборува за учител кој бега од насилството на бандите на Хаити и за неговите авантури пред конечно да пристигне во Канада, каде повторно го открива „правото да дише без страв“.
Критичарите на Pangram и другите детектори за AI велат дека тие се несигурни – различни програми често даваат различни резултати при анализа на исти текстови.
Овие алатки всушност не можат да знаат кој или што го напишал одреден текст. Наместо тоа, тие бараат обрасци кои често се појавуваат во текстови генерирани со вештачка интелигенција, но истите обрасци може да се појават и во човечкото пишување.
Истражувањата покажале дека AI-детекторите може погрешно да означат текст напишан од човек како содржина генерирана со вештачка интелигенција, но и да не препознаат текст што навистина го создала AI, особено ако тој подоцна бил уредуван или парафразиран.
Некои исто така тврдат дека овие програми се засноваат на стандардизиран јазик – англиски или француски – поради што не можат прецизно да ги толкуваат текстовите во кои се користат дијалекти од места како Карибите.
Од друга страна, групата „Balance ton Claude“ тврди дека е докажано оти Pangram погрешно означува текст генериран со вештачка интелигенција само еднаш на секои 24.400 анализи.
Најновите детектори повеќе не го споредуваат текстот со други текстови за да утврдат дали станува збор за плагијат. Наместо тоа, тие анализираат веројатности и статистички податоци за да утврдат дали одредени јазични обрасци укажуваат на употреба на AI.
