Британското Министерство за одбрана им порача на воените резервисти да се подготват за можен повик за војна, што претставува прв ваков чекор по завршувањето на Студената војна. Официјални писма се испратени на адресите на околу 100.000 стратешки резервисти, на кои им се нуди можност доброволно да учествуваат во воени обуки и вежби.

Писмата се доставени до припадниците на сите три рода на британските вооружени сили и се потпишани од нивните главни команданти. Од резервистите се бара да ги ажурираат своите контакт-податоци, како и детално да наведат какви цивилни професии извршуваат и со какви вештини располагаат во моментов.

Оваа одлука доаѓа во период на зголемени закани од официјална Москва и тестирање на решителноста на НАТО алијансата од страна на Путин. Минатата недела Русија испали крстосувачки ракети и дрон во источна Полска, на околу 100 километри од вежба предводена од Велика Британија, истиот ден кога британскиот министер за одбрана Вес Стритинг и раководството на воздухопловството беа во посета на трупите.

Паралелно со тоа, Кралските воздухопловни сили (RAF) започнаа со преместување на борбените авиони во хангари со најава за поставување заштитни мрежи, со цел да се обезбедат воените бази од потенцијални напади со беспилотни летала.

Министерот за одбрана Вес Стритинг претходно предупреди дека Британија мора да биде целосно спремна за воен судир во рок од 1.000 дена, посочувајќи дека земјата мора да биде подготвена да се бори заедно со своите сојузници. Стритинг објасни дека државата дејствува во услови на зголемена опасност и дека евиденцијата на резервистите е нужна мерка на претпазливост.

Британските власти настојуваат да го подигнат нивото на подготвеност согласно Членот 3 од договорот на НАТО, кој наложува секоја земја-членка да ги одржува и развива сопствените одбранбени капацитети. Моментално, копнените сили на Велика Британија бројат околу 73.000 активни војници, што претставува најмала бројка уште од периодот на Наполеоновите војни.

Од Министерството за одбрана наведуваат дека испраќањето на писмата претставува практичен потег за јакнење на подготвеноста и одвраќањето. Станува збор за стратешки резервисти кои неодамна го завршиле воениот рок и според законот имаат обврска да се одѕват на повик во вонредни околности.

Неименуван воен извор наведе дека целта на дописите е ажурирање на базата со информации за ветераните, посочувајќи дека стекнатите цивилни вештини по напуштањето на службата можат да бидат мошне корисни за системот на одбрана при евентуална потреба.

„Тоа што некогаш сте возеле тенк во армијата не значи дека вашите цивилни вештини денес не се сосема различни и всушност, покорисни за одбраната“, објаснил изворот.

Тој појасни дека во овој момент нема итна мобилизација, но оти воените структури мора да имаат прецизна евиденција и директна комуникација со кадрите во секое време.

„Ако некогаш ви затребаат, многу работи се прилично ’рѓосани. Првиот чекор е да откриете кои се овие луѓе, каде се и какви се нивните вештини“, рекол тој.

Поранешниот началник на Генералштабот, Лорд Сандерс, претходно посочи дека во случај на отворен судир со Русија ќе мора да се изврши општа мобилизација поради малиот број на активни војници. Стратешкиот одбранбен преглед исто така препорача активирање на стратешките резерви за одбрана на државата.

Британската влада активираше и посебна секција на својата интернет-страница каде граѓаните, нивните семејства и работодавците можат да прочитаат детални информации за правата и обврските поврзани со Стратешката резерва.

Министерот за ветерани, Калвин Бејли, потенцираше дека одбранбената моќ не зависи единствено од опремата и вооружувањето, туку пред сè од обучениот човечки потенцијал.

„Иако повеќето стратешки резервисти никогаш нема да бидат вратени во служба, тие се дел од одвраќањето на нашата земја и помагаат во спречувањето на конфликти секој ден. Овие писма не значат дека Резервата ќе биде мобилизирана. Тие едноставно водат евиденција за да знаеме како да контактираме со оние кои се подобни и да ги следиме нивните вештини и искуство“, рече Бејли.

По падот на руските проектили во Полска, полскиот премиер Доналд Туск изјави дека инцидентот претставува смислена провокација насочена против Лондон, Варшава и сојузниците од НАТО.

Британскиот премиер Енди Бернам го осуди рускиот ракетен напад означувајќи го како целосно неприфатлив и потврди дека Обединетото Кралство цврсто стои зад безбедноста на Полска.