Се покажа дека случајот со Ива Михаилова го води бугарската служба, но кај нас тенденцијата беше јасна – вината за нејзиното бегство да се префрли на МВР и на министерот Панче Тошковски, изјави генералниот директор на МИА, Дарко Јаневски за време на гостувањето во емисијата „Колегиум“ на телевизија „Алфа“.

Јаневски говореше за медиумските наративи поврзани со случајот со Ива Михаилова, односите со Бугарија и влијанието на странските разузнавачки служби врз новинарството во земјата.

„Таа приказна на некои од националните телевизии секој ден се емитуваше, со Ива Михаилова почнуваа вестите. И поентата беше ако може да му се натовари вината на министерот за внатрешни работи како таа избегала. Беше јасна тенденцијата на тие телевизии, да се натовари вината врз овој човек, кој, по мое лично мислење, има сторено не многу, туку и за овој краток период сериозно добри работи за Македонија. Небитен е мојот однос кон него“, вели Јаневски.

Според него, наместо фокусот да биде насочен исклучиво кон Министерството за внатрешни работи, соодветните прашања требало да се постават до Обвинителството и судството, особено во однос на судската постапка и причините поради кои Михаилова не се наоѓала во притвор.

„Ако можеше херметички да се затвори границата, Трамп ќе ја затвореше, а не, пак, ние. Имаме проблем со судството, со Обвинителството, а не со МВР. Ниту МВР, ниту Армијата на Република Македонија, ниту цело НАТО да дојде – никој не може да го контролира секој метар од границата“, истакна Јаневски.

Тој се осврна и на обелоденетите разговори и снимки поврзани со случајот на Михаилова, оценувајќи дека тие отвораат сериозни прашања за влијанието на бугарските служби врз одредени новинари и медиуми, нагласувајќи дека случајот со Михаилова го води бугарската служба и контролира одредени новинари.

Според Јаневски, ваквите практики се познати во светот, но вистинскиот проблем настанува кога новинари во Македонија работат директно во интерес на странски служби, а истовремено во општеството продолжуваат да се третираат како релевантни фактори.

„Проблемот е кај нас со оние што и натаму се некаков фактор во ова општество. Има и такви што одработуваат против оваа држава, а сега се платени со државни пари и ние тоа го толерираме“, рече Јаневски.

Тој посочи дека Бугарија има исклучително долга традиција во градењето на својата државност и како конкретен пример ја посочи државната новинска агенција БТА, основана уште во 1898 година.

„Бугарите својата агенција ја основаа 1898 година. Првиот нивен директор тогаш имал плата, која пресметана во денешни долари или евра е над 100.000 годишно. Ние сме далеку од тоа. Но поентата е како тие сериозно ја граделе својата држава и што сфатиле – дека е битно да имаш државна агенција и дека таа агенција треба да ги брани државните, она што јас велам, што треба да бидеме ние, државните и националните интереси на Македонија“, рече Јаневски.

Тој оцени дека во Македонија, спротивно на таквиот пристап, дел од новинарите и јавните личности ги прифаќаат тезите што доаѓаат од Софија, особено околу историските теми и евроинтеграцискиот процес.

„Бугарите си ја бркаат својата работа, Грците си ја бркаат својата, проблемот е што ние не си ја бркаме нашата работа“, рече Јаневски.

Осврнувајќи се на спорот со Бугарија и условите поставени за европските интеграции, Јаневски посочи дека во јавноста се наметнува атмосфера каде секое спротивставување на бугарските барања се квалификува како антиевропско дејствување.

„Ако кажеш дека Гоце Делчев, Даме Груев се Македонци, веднаш ти лепат етикета, ти си антиевропеец“, вели Јаневски.

Тој потенцираше дека не можат да се прават историски паралели меѓу релациите Франција-Германија или Германија-Полска со македонско-бугарските односи, бидејќи во тие европски спорови никој никогаш не го оспорувал идентитетот на другиот народ.

„Не можеш ти како јавна личност, како новинар, да ми кажуваш дека пример се Франција и Германија, Германија и Полска. Таму никој никому не му го оспоруваше идентитетот. Франција и Германија немаа проблем со тоа кој е Германец. Германците не велеа Наполеон ќе биде, ќе кажеме дека е Германец, има да пишете и заврши приказната“, рече Јаневски.

Јаневски посочи дека државата има проблем и со неокончувањето на институционалните процеси, издвојувајќи го Специјалното јавно обвинителство (СЈО), неговиот правен статус и бонусите што беа исплаќани, нагласувајќи дека не смеат да се оставаат отворени прашања за одговорноста и трошењето јавни средства.

„Ние во принцип имаме проблем со тоа што не ги расчистуваме работите до крај. Ќе се смени власта, ама дај ова ќе го оставиме. СЈО беше неуставен орган, имаше одреден рок на траење. Меѓутоа, останува дека тоа било дел од нашиот правен систем. Уставниот суд по дефиниција мора да го поништи тој закон и да ги врати работите назад“, вели Јаневски.

Во дебатата беше анализиран и инцидентот со 15-годишното момче од Охрид, за кое бугарските медиуми пренесоа дека било нападнато од полициски службеници со обид случајот да се претстави како насилство врз Бугарин, при што мајката демантираше дека синот има бугарско државјанство и порача дека настанот се злоупотребува за политички цели.

Во врска со ова случување, Јаневски потенцираше дека одговорноста мора целосно да се утврди, без оглед на обидите за политизација.

„И да се расчисти со тие полицајци што го тепале тоа дете. Јас не го знам случајот, сега дознав за него, меѓутоа тоа итно да се расчисти, настрана злоупотребата од Бугарија. Такво нешто не смее да се случува во Македонија. Не смее“, рече Јаневски.

Јаневски заклучи дека општеството мора да изгради критички став кон поединците што работат против македонските државни интереси, наместо да им се дава медиумски и општествен простор.