– Сите работници со ниски приходи, чии месечни примања не надминуваат 30.000 денари по семејство, ќе можат да аплицираат на повикот и да добијат соодветни ваучери. Тоа е редовна програма која ја имплементира Министерството за економија за поттикнување на домашниот туризам. Ќе биде објавен во првата половина на мај за да можат да ги користат одморите. Директна финансиска поддршка ќе има и во петтиот пакет на мерки, кој сега ќе почне да се реализира, и за хотелските капацитети кои беа надвор од туристичките центри и не можеа да ги користат ваучерите кои се издадоа од Министерството од претходната година кои главно се искористија во регионите на Охрид и Струга и некои други туристички дестинации. За тие што биле изоставени предвидена е сума од еден милион евра, потенцира Бектеши.
Како што појасни вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на угостителските објекти кои се затворени веќе 21 ден со одлука на Владата ќе им се пресметува 30 отсто за деновите во кои се затворени, а за угостителите кои бе затворени подолг временски период ќе се зема само месечниот просек за 2019 година и ќе добијат чисти 30 отсто од месечниот приход плус еднократна помош за бројот на вработени кои го имале за 2020 година.
Пресекот на вработени за тие угостителски објекти кои сега се затворени е 6 април 2021 година, а за тие кои се подолг временски период затворени е крајот на 2020 година.