Тиквешките лозари сè уште не знаат што ќе се случува со откупот на нивното грозје. Истиот е на самиот почеток и големите винарски визби допрва се на потег.
Властите треба да одлучат што ќе одговорат на барањата на лозарите за формирање на повисока откупна цена.
Токму поради незадоволството околу тоа прашање пред неколку дена од приколките на лозарите се истураше грозје во Кавадарци.
„Во моментов, во Кавадарци и Неготино, лозје откупува само еден од шестте пункта во кавадарци, во неготино од 5-6 пункта откупува само еден и тоа откупува на отворена цена. ние баравме до денес, но сепак ќе почекаме до утре, вторник, и бараме да нѝ дадат одговор“ изјави Дане Јошев, претседател на здружението на тиквешки лозароовоштари.
Политиката прави обид да се замеша во лозјето, но државата тоа нема да го дозволи – вели министерот за земјоделство Арјанит Хоџа.
Најавува состаноци со големите винарски визби затоа што сè уште има неслога околу цената којашто ќе им се понуди на лозарите за да го дадат своето грозје.
„Врз информациите што ги имам од терен и врз основата на квалитетот на грозјето оваа година, мислам дека нема да остане ни килограм грозје, а после среда очекувам и останатите винарски визби освен овие што веќе купуваат на договорената цена 11 денари за смедеревка и 13 денари за вранец и другите да се придржуваат на тоа. поголемиот дел на винарските визби уште не почнале со откуп и заради тоа не е сфатливо за мене да може на самиот почеток на откупот да се направи обид за да се профитира политички врз грбот на лозарите“ изјави Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Дали ќе има одлука на Владата до утре или не, и дали таа ќе биде во полза на лозарите – ќе биде пресудно за тоа дали грозје ќе се истура и на протести пред портите на Владата.