Коефициентот за пресметка на платата на претседателот на Уставниот суд се зголемува од 2,81 на 3,08, а за уставните судии од 2,60 на 2,85, според измената што денеска едногласно ја усвои собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Предвидено е новите коефициенти да се применуваат со исплатата на платата за октомври 2026 година. Предлог-одлуката треба да биде разгледана и усвоена и на пленарна седница на Собранието.

Комисијата ја поддржа измената на одлуката за определување коефициенти за утврдување на платите на претседателот, пратениците и функционерите што ги избира и именува Собранието. Интервенцијата опфаќа две конкретни ставки, кои се однесуваат на претседателот и на судиите на Уставниот суд, а предложените коефициенти се усогласени со одлуката на Судот од 17 јуни 2026 година.

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, објасни дека измената се носи во согласност со одлуката на Уставниот суд.

– Комисијата за избори и именувања постапи по одлуката на Уставниот суд онака како што беше донесена – рече Сајкоски.

Со јунската одлука, Уставниот суд ги укина деловите од членовите 14 и 15 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица што се однесуваат на неговиот претседател и на уставните судии. Судот утврди одложено дејство на одлуката до 1 октомври 2026 година.

Во образложението, Уставниот суд оцени дека платите на претседателот и на судиите биле регулирани во ист нормативен режим и според исти критериуми како платите на другите носители на јавни функции. Според Судот, таквото законско уредување не ја зема предвид неговата посебна уставна положба, ниту институционалната и функционалната независност.

По решението од февруари, на Собранието му бил оставен рок од 60 дена да постапи, но тоа не било направено во предвидениот период. Поради тоа, Уставниот суд определил од 1 октомври за пресметување на платите на неговиот претседател и на судиите да се применува законското решение од 2024 година, со кое се утврдени коефициентите 3,08 и 2,85.