Законот за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ е повлечен од Собранието на инсистирање на премиерот Христијан Мицкоски и ќе биде ставен на јавна расправа. Тој рече дека одлуката е донесена за да не остане никаков сомнеж во транспарентноста на процесот, иако тоа ќе предизвика дополнително доцнење во подготовките.
Мицкоски посочи дека проектот бил започнат пред десет години, но дека досега не биле преземени потребните активности. Според него, Владата сега се соочува со ризик Скопје првпат да ја загуби титулата Европска престолнина на културата доколку обврските не бидат навреме исполнети.
– Јас ја разбирам реакцијата во јавноста поради тоа што има жесток обид за нејзина дезинформација. Прво, станува збор за фондација Скопје – Европска престолнина на културата, и тоа е проект што е започнат уште пред 10 години. За жал, досега ништо не е направено – рече Мицкоски.
Тој тврди дека законот бил подготвен согласно препораките и практиката на Европската Унија и дека решението не се разликува од моделите применувани во други европски градови.
– Затоа влеговме во еден процес во којшто јасно ги дефиниравме приоритетите. Но, еден од тие приоритети е и законот, којшто се прави согласно сите препораки и пракса, на Европската Унија. Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки – потенцира премиерот.
Мицкоски појасни дека во оваа фаза не се избира директор, туку се формира фондација преку која ќе се реализира проектот. Според таканаречената книга, односно „bidbook“, во 2027 година треба да се одржуваат културни настани во период од 50 дена, а во текот на цела 2028 година програмата треба да се спроведува секојдневно. Во 2029 година фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие со директор.
– За правилно информирање на јавноста, сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга или bidbook, којашто е добиена уште пред пет-шест години, во којашто се дефинирани приоритетите од порано, а Владата и овој градоначалник ги наследија. Тоа се настани коишто треба да се случат 50 дена во следната 2027 година, и секој ден во годината 2028 година, а во 2029 година Фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие коешто ќе има директор – појасни премиерот Мицкоски.
Тој обвини дека во јавноста намерно се шират манипулации околу законот, но нагласи дека нема да дозволи да останат сомнежи во постапката.
– Но, она коешто јас како човек, прво, нема да го дозволам, тоа е да остане каков било сомнеж во кој било процес. Затоа, на мое инсистирање, законот беше повлечен од Парламентот. Тој ќе биде ставен на јавна дебата. За жал, малку ќе задоцниме со некои од подготовките како Влада, бидејќи веќе 10 години се доцни од претходната Влада и од претходните градоначалници, но ќе се обидеме тоа темпо да го задржиме до крајот на годината и да влеземе во процес во којшто сѐ ќе биде навремено испорачано, а Скопје ќе биде Европска престолнина на културата 2028 – рече Мицкоски.
