Шест лица повредени во силното невреме што го зафати Скопје биле донесени во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, каде им била укажана медицинска помош.
Директорот на Клиниката, д-р Небојша Настов, информираше дека пациентите се со посекотини и набиеници и дека сите се третираат амбулантски.
„Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување“, изјави Настов.
Тој посочи дека по амбулантскиот преглед, тројца од повредените се пуштени на домашно лекување, додека останатите тројца се уште се во фаза на испитување.
Според директорот на Клиниката, повредите кај дел од пациентите настанале поради последиците од невремето. Едно лице било повредено при пад на дрво, при што го закачиле гранки, друг пациент бил повреден од лим што паднал од покрив, а трето лице од паднати керамиди.
