Вкупно 12 лица повредени при двете експлозии на станицата за течен нафтен гас (ТНГ) во местото Креведија, во близина на романскиот главен град Букурешт во саботата, се пренесени на лекување во болници во Белгија, Италија, Австрија, Германија и Норвешка, во рамки на Механизамот за цивилна заштита на ЕУ, соопшти денеска Европската комисија.
Како што се посочува во соопштението, по експлозијата Романија побарала помош од ЕУ преку Механизамот за цивилна заштита за лекување на жртвите со тешки изгореници, по што девет земји се понудиле да примаат пациенти и тоа Австрија, Белгија, Бугарија, Германија, Данска, Италија, Норвешка, Франција и Шведска.
Европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич им изрази благодарност на овие земји што ја изразија својата солидарност кон Романија „во овој мрачен час кога е најпотребно“.
– По трагичните експлозии во Романија десетици луѓе имаат потреба од итна медицинска помош. Моите мисли остануваат со жртвите, нивните семејства и колеги. Европските земји веднаш реагираа со понуди за лекување на жртвите во нивните болници. Веќе 12 пациенти се префрлени преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и добиваат итна помош во Белгија, Италија, Австрија, Германија и Норвешка. Им благодарам на сите земји. Нашата цел сега е да спасиме животи, посочи Ленарчич.
Европската комисија посочува дека Координативниот центар на ЕУ за реакција при итни случаи е во постојан контакт со Романија и властите на европските власти за да мобилизираат каква било дополнителна помош доколку е потребно.
Во двете експлозии во Креведијa во саботата загина едно лице, а беа повредени 46 други, меѓу кои и 26 пожарникари.