Поранешниот американски претседател Доналд Трамп пристигна пред судот во Мајами за да се соочи со федералните обвиненија. Тој повторно беше официјално уапсен.

Тој е обвинет за незаконско задржување доверливи документи и лажење на службениците кои се обиделе да ги вратат, но Трамп останува на исказот за својата невиност и вети дека ќе ја продолжи кампањата за изборите во ноември 2024 година.

Трамп е првиот поранешен претседател кој се соочува со кривични пријави, но правните експерти велат дека тоа не го спречува да се кандидира за функцијата или да ја преземе функцијата претседател дури и ако е осуден.

Алина Хаба, адвокатка и портпаролка на Доналд Трамп, застана во одбрана на поранешниот американски претседател пред судот во Мајами.

„Одлуката да се обвини Трамп и да се затворат очите пред другите е симбол за корупцијата што ја имаме овде“, рече Хаба, повторувајќи ги тврдењата на Трамп дека обвиненијата се политички мотивирани.

„Ние сме на пресвртница во историјата на нашата нација. Ова е насочено гонење“, рече таа. Иако Хаба е адвокатка на Трамп, таа не го застапува во овој случај.

Пред судот беше обвинет и поранешниот помошник на Трамп, Волт Наута (40). Според обвинението, Наута заедно со својот шеф преместувал и криел кутии со доверливи информации, пред и по претресот на Мар-аЛаго. Тој е обвинет и за давање лажни и погрешни изјави на ФБИ.

Тој се соочува со шест обвиненија за кривично дело, вклучувајќи заговор за попречување на правдата, прикривање документ или запис, прикривање документ и прикривање документ во федерална истрага. Секое обвинение „носи“ затворска казна од 20 години.

Другите две обвиненија, шема за прикривање и лажна изјава и претставување, предвидуваат казни од пет години затвор. Севкупно, тоа би било 90 години затвор за Науто. Стенли Вудворд, адвокатот на Наута, влегол во судницата одвоено од неговиот клиент.