Русија ќе успее да го врати извозот на дизел-гориво на нивоа кои ќе ги надминат оние што ги наведе американскиот претседател Доналд Трамп како дел од договорот со Москва кој наиде на критики од Украина, ЕУ и дел од членовите на Конгресот во САД, тврди рускиот вицепремиер Александар Новак, пренесоа светските медиуми.
За потсетување, Трамп во петокот објави дека неговиот руски колега Владимир Путин се согласил Русија да ги снабдува американскиот и глобалните пазари со дизел-гориво и во таа насока неговата администрација одлучила привремено да ги укине американските санкции за руското гориво, воведени од почетокот на конфликтот со Украина.
„Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, но Русија има капацитет да го зголеми извозот на дизел“, изјавил Новак за државната телевизија Росија-24, пренесоа медиумите.
Според функционерот, кој е главен за нафта во администрацијата на Путин, извозот на руски дизел до крајот на годината би можел да достигне од три до три и пол тони месечно, со што ќе се врати на нивоата пред кризата.
Инаку, извозот на дизел од Русија нагло опадна како резултат на украинските напади врз рафинериите за нафта, како и ограничувањата што ги воведе Москва за продажба на горивото во странство. Украина изминатиот период изврши неколку напади со беспилотни летала врз руските рафинерии, од кои дел беа длабоко на територијата на Русија, а истовремено цел на напади на Москва, кои се засилија.
Пред Украина да започне со серијата напади со дронови врз руските рафинерии за нафта во 2024 и 2025 година, рускиот извоз на дизел изнесуваше над три милиони тони месечно.
И покрај внатрешната забрана за извоз, Москва сепак продолжи да испорачува дизел во одредени земји, главно во Централна Азија, врз основа на меѓудржавни договори.
Рускиот извоз на дизел во Централна Азија, според извори во оваа индустриска гранка, минатиот месец достигнал вкупно 427 000 тони.
Високите цени на дизелот во Соединените Американски Држави влијаат врз американските возачи на камиони и земјоделци и предизвикуваат загриженост кај американскиот претседател Доналд Трамп пред среднорочните избори за Конгресот што треба да се одржат на 3 ноември.
Претставниците на Трамп на средбата со украинската делегација, која минатата недела беше во САД, кажале дека договорот за извоз на рускиот дизел е дел од напорите Русија да се врати на преговарачка маса, откако претходните обиди за започнување трајни разговори за завршување на војната не успеаја, изјавиле за Ројтерс три лица запознаени со состанокот.
Договорот предизвика остри реакции од дел некои членови на американскиот Конгрес, кои тврдат дека тоа ќе ѝ обезбеди на Москва пари за да ја продолжи војната, без да го принуди Путин на отстапки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше договорот, нарекувајќи го отстапување од долгогодишната западна политика насочена кон изолирање на руската економија. Зеленски вчера изјави дека дека руските напади врз најмалку шест енергетски цели за време на последниот бран смртоносни воздушни напади низ Украина покажале дека Москва не е заинтересирана за енергетско примирје.
