Осум сè уште активни пожари во повеќе општини

Во изминатото деноноќие, заклучно со седум часот изутринава, на територија на државава се регистрирани вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои осум сè уште активни, информираат од Центарот за управување со кризи. Активни пожари се пријавени во општините Македонски Брод, Прилеп, Долнени, Росоман, Кичево, Студеничани, Велес и Сопиште.

Во „Јасен“ е зафатена мешана шума. На подрачјето на село Беловодица, местото викано „Ливада“, како и кај село Лењиште, гори букова шума. Во селата Стровија и Долгаец, исто така, гори мешана шума. Ниска вегетација е опожарена во атарот на село Дебреште. Во селото Душегубица пожар зафатил ниска вегетација и ниска шума. На планинскиот врв „Китка“, во регионот на селата Горно Количани и Драчевица, гори мешана шума. Во село Клуковец гори ниска вегетација, а во близина на брана – езеро Козјак, пожар зафатил ниска вегетација и шума.

Деветнаесет пожари изгаснати во различни региони

Во истиот временски период биле изгаснати повеќе пожари на различни локации. На територија на општините Маврово – Ростуше, Боговиње, Струга, Кичево, Липково, Старо Нагоричане, Долнени, Кратово, Студеничани, Гази Баба, Илинден, Василево и Гевгелија пожарите се ставени под контрола.

Изгаснати биле и два пожара во регионот на Ѓорче Петров, како и три во кумановското подрачје. Со тоа, според податоците, од вкупно 27 регистрирани пожари, 19 се изгаснати, а осум остануваат активни.