Пожарот во кавадаречкиот регион и натаму е активен, а според надлежните, не постојат услови тој целосно да биде ставен под контрола во текот на вечерта. Екипите ќе продолжат со интервенцијата и во текот на ноќта за да се спречи неговото понатамошно ширење.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека огнот зафатил претежно нискостеблеста вегетација. Тој појасни дека силниот пламен кој повремено се појавува е последица на согорувањето на голем број ниски смреки.
Ангелов нагласи дека кавадаречките пожарникари ќе останат на терен во текот на ноќта и ќе продолжат со активностите за локализирање на пожарот.
Во координацијата на акцијата е вклучен и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, кој заедно со Ангелов се наоѓа на терен и ги следи активностите за справување со огнената стихија.
Али упати апел до граѓаните да бидат максимално внимателни и да се воздржат од какви било активности што можат да предизвикаат пожар, бидејќи високите температури и ветерот овозможуваат огнот брзо да се шири.
Во акцијата за гаснење учествува и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој се наоѓа на терен заедно со пожарникарите.
„Во гаснењето учествуваат четири пинцгауери, два унимога, камион на Шумското стопанство, два џипа и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, а од 18:00 часот во акцијата ќе се вклучат и два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи и Армијата“, објави Јанчев на Фејсбук.
