Собранието денеска експресно ги изгласа во прво читање предлог законите кои треба да ги олеснат условите околу изградбата на коридот 8 и коридор 10д од страна на компанијата „Бехтел и Енка“, пренесува Фокус.
Власта не ја предомисли ниту фактот дека и во владината коалиција има претставници кои се против предлогот. За гласаа пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, а против или воздржани беа петмина пратеници од помалите коалициски партнери, како ЛДП и ДОМ.
Нема дилема дека овие инфраструктурни проекти се потребни, во интерес на граѓаните и на државата, но, вака не се носат измени, потребна е широка дебата, рече Маја Морачанин од ДОМ
Сепак не беа слушнати барањата и предлозите се селат на комисиска расправа. Од власта се правдаа дека ниту бегаат ниту пак некогаш бегале од дебата .
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата пред гласање, како што претходно најавија. Нивните места во собраниската сала беа празни.
Осумте закони кои сега треба да го поминат второто читање во Собрание, предвидуваат ослободување од ДДВ за компанијата, полесна експропријација, но и овозможување работниците да работат во недела и да работат повеќе од осум часа, за што реагираа синдикатите и здруженијата за работнички права.