Судот не може да ја исправи секоја неправда во општеството, но институцијата има одговорност да обезбеди законот и правото да важат за сите во судниците. Ова го истакна претседателката на Основниот кривичен суд во Скопје, Даниела Димовска, осврнувајќи се на актуелните предизвици, довербата на граѓаните и секојдневната работа во правосудниот систем.
Зборувајќи за реакциите по нејзиното именување на чело на Кривичниот суд, Димовска посочи дека професионалниот интегритет и остварените резултати се единственото мерило според кое треба да се вреднува работата на секој поединец во правосудството.
„Мислам дека молчењето не треба секогаш да се толкува како немање одговор. Понекогаш тоа е свесен избор, а понекогаш и најдобриот одговор што можеме да го дадеме во одреден момент. Но, времето има една интересна особина, ги раздвојува моменталните реакции од суштинските нешта, а уште подобро ја покажува вистината. Тажно е ако нечија професионална кариера биде препознатлива единствено по реакцијата за изборите на колегите. Напротив, искрено се надевам дека секој од нас ќе биде запаметен по сопствените дела, резултати и придонес. Многу е поважно што ќе оставиме зад нас, отколку на кого сме реагирале“, изјави Димовска.
Во врска со ниската доверба кај јавноста и перцепцијата дека правдата во земјата е тешко достапна, таа појасни дека незадоволството на граѓаните често претставува одраз на пошироки општествени аномалии надвор од самите судски сали.
„Аристотел правдата ја врзувал со едноставниот принцип секој да го добие она што го заслужува. А граѓаните често чувствуваат дека токму тој принцип не важи насекаде околу нив – во здравството, при вработување, во академската средина, во различни општествени сфери. И затоа кога велат дека нема правда, мислам дека не зборуваат само за судот, туку за едно пошироко чувство дека правилата не важат за сите. Судот не може да ја исправи секоја неправда во општеството, но имаме одговорност да обезбедиме правото да важи во нашите судници“, нагласи Димовска.
Прашана за тоа како планира да гарантира дека никој нема да биде над законот, претседателката на судот потенцираше дека тоа се постигнува исклучиво преку независност и создавање безбедни професионални услови за работа на секој судија.
„Ова не се покажува со декларативни заложби, туку со создавањето услови во кои законот ќе се применува еднакво за сите. Судиите одлучуваат самостојно и независно. Мојата улога како претседателка е да создадам институционална клима во која ќе можат слободно, професионално и без каков било притисок да ја вршат својата функција. Она што можам да го ветам е дека сè додека сум на оваа функција судот нема да биде место каде што ќе се реализираат туѓи сценарија, дека никој нема да добие привилегија, но и дека никој нема да биде жртва на нечие очекување, притисок или однапред креирано сценарио“, порача Димовска.
Во однос на прашањето за корупцијата и казнувањето на евентуалните злоупотреби од страна на самите судии, таа нагласи дека недозволиво е постоење на лажна колегијалност која би штитела незаконски постапувања.
„Би било неодговорно да тврдам дека има или нема корупција во правосудниот систем. Секако дека не смее да постои професионална солидарност која ќе премине во заштита на нечие незаконско постапување. И на крај, институцијата не треба да се мери според тоа дали во неа никогаш нема да се појави проблем, туку според тоа дали има интегритет и капацитет да се справи со него“, потенцираше Димовска.
На крајот, таа образложи како постапува кога има поплаки за одолговлекување на предметите или сомнежи за неетичко постапување, посочувајќи дека директната комуникација со граѓаните е од клучна важност.
„Често добивам писма од странките кои имаат некоја постапка, или пак граѓани кои користат одредена услуга од судот и секое такво писмо го читам и разгледувам со должно внимание. Сакам да ги слушнам забелешките и проблемите на странките. Разговарам со судиите, ги разгледуваме наводите, и преземам сè што е во рамки на моите овластувања. На подносителите им одговарам секогаш, бидејќи не сакам да имаат чувство дека нивното обраќање завршило во фиока, па дури и тогаш кога одговорот не е она што го очекувале“, заклучи Димовска.
