Истрагата за можната вмешаност на аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и неговата сестра Карина Милеј во скандалот со криптовалутата LIBRA е официјално прекината. Ваквата одлука следува по барањето на обвинителот Едуардо Тано целиот случај да биде отфрлен, што беше потврдено и со официјалните судски документи.

Според судската одлука, неколку дигитални паричници повлекле околу 100 милиони долари, додека повеќе од 40.000 луѓе кои ја купиле криптовалутата LIBRA претрпеле сериозни финансиски загуби по објавата на аргентинскиот претседател на 14 февруари 2025 година, објави весникот „Ла Насион“. Судијата во постапката не ја оспори таквата распределба на профитот и загубата, но заклучи дека тоа само по себе не претставува доволен доказ за извршена измама.

Службата за борба против корупцијата претходно заклучи дека објавата на претседателот на социјалната мрежа претставува индивидуален или приватен чин, реализиран без употреба на какви било јавни ресурси или институционално вклучување. Судот првично ја отвори истрагата во февруари 2025 година за да ја утврди улогата на Милеј во промовирањето на криптовалутата, чија вредност набрзо драстично падна.

Милеј претходно ја препорача тогаш малку познатата криптовалута LIBRA на социјалната мрежа X, што предизвика краткотрајно нагло зголемување на нејзината пазарна вредност. Подоцна, тој ја избриша спорната објава и целосно негираше каква било поврзаност со криптовалутата чија вредност набрзина доживеа пад.