Сериозен прекин во работењето на инфраструктурата на „Гугл клауд“ (Google Cloud) предизвика широки проблеми во функционирањето на бројни интернет услуги. Проблемот директно ги погоди банкарските апликации, големите малопродажни синџири и компаниите за достава во Велика Британија и повеќе други европски земји.
Меѓу најпогодените од падот на системот се давателите на финансиски услуги „Револут“ (Revolut), „Лојдс банк“ (Lloyds Bank) и „ХСБЦ“ (HSBC), како и синџирот за малопродажба на производи за домаќинство „Скруфекс“ (Screwfix) и доставната компанија „ДПД“.
Милиони корисници на дигиталната банкарска платформа „Револут“, која брои над 80 милиони корисници во светот и 13 милиони во Велика Британија, пријавија дека не можат да пристапат до сметките ниту да извршат плаќања со картички. Платформата потврди дека дел од нивните сервиси станале недостапни поради глобалниот инфраструктурен дефект.
„Имаме проблем со повеќе услуги во регионот ’Јуроп-вест2‘ (europe-west2), што почна вчера. Нашиот инженерски тим продолжува да го истражува проблемот. Се извинуваме на сите што се погодени од прекинот. Нашите тимови за производи и инженеринг активно работат на враќање на целосната достапност. Засегнатите корисници може да доживеат прекини на сесијата при пристап до безбедносните операции на ’Гугл‘, како и доцнења во процесите на платформата“, соопштија од „Гугл клауд“.
