На свечен настан во Клубот на пратеници, премиерот Христијан Мицкоски ја промовираше новата Платформа за следење на проектите финансирани од Владата. Тој нагласи дека ова не е само технички систем, туку и чекор напред во политичката култура. Исто така, чекор во модерното управување. Ова е силна порака дека државата што ја водиме е решена да биде отворена и отчетна. Се стреми да обезбеди целосен увид во тоа каде завршува секој денар од јавните средства“.

„Оваа Платформа ја симболизира нашата јасна заложба за интегритет, чесност и јавен надзор над сите инвестиции што ги реализираме, без исклучок. За првпат во историјата на Македонија воспоставуваме систем во кој секој граѓанин, секоја општина, секој новинар, секој претставник на граѓанскиот сектор, и секој релевантен чинител ќе може во реално време, транспарентно и прецизно, да го следи текот на проектите што ги финансира Владата“, подвлече Мицкоски пред присутните.

Премиерот истакна дека со оваа Платформа се воспоставува нова рамка на доверба и дека институциите ја отвораат својата работа на јавноста.

„Транспарентноста за нас не е формална обврска. Таа е суштинско демократско правило. Таа е основа на довербата. Основата на стабилноста. Основата на вистински одговорните политики. Во општество што секојдневно се соочува со лажни наративи, дезинформации и манипулации, единствениот одговор е – отворена држава со отворени податоци. Затоа оваа Платформа е секундарно технолошки проект, а примарно – политичка порака: немаме што да криеме, затоа што работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните“, рече Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека медиумите добиваат моќен алат за истражувачко новинарство и јавна отчетност.

„Со само неколку кликови, ќе можат да го следат секој проект, секој договор, секој рок и секоја фаза на реализација. Ова значи вистинска поддршка на истражувачкото новинарство, на јавната отчетност и на информирано граѓанско учество. Ниту еден проект веќе не е „некаде таму“, скриен во институционални лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив“, додаде Мицкоски.

Премиерот ги презентираше и бројките: од првиот јавен повик финансиран од Владата, опфатени се 288 проекти со вкупна вредност од речиси 4,6 милијарди денари, односно близу 75 милиони евра. „Денес можеме одговорно да кажеме дека сите 288 проекти се започнати. За сите се склучени договори со економски оператори“, информира Мицкоски.

Од 288 проекти: 193 се целосно завршени, 26 се во целосно завршна фаза

Од овие 288 проекти: 193 се целосно завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште 6 проекти тендерската постапка е завршена и нивната реализација започнува многу скоро. „Ова не се само бројки. Ова се нови улици, плоштади, водоводни и канализациски мрежи, нови паркови, фекални системи, нови спортски објекти, културни содржини, нови училишта и нови градинки. Ова се над 220 капитални проекти во инфраструктурата, над 40 проекти во животната средина, 7 во спортската инфраструктура, 5 проекти во културата, и над 10 значајни инвестиции во образованието“, појасни Мицкоски.

Вториот јавен повик за финансирање на општините опфаќа 828 нови проекти со вкупна вредност од 13,8 милијарди денари, односно повеќе од 225 милиони евра. „Овде веќе гледаме силна динамика: над 50 проекти се завршени или во финална фаза, а за над 500 проекти се потпишани договори за нивната реализација. Тоа значи дека државата ќе влезе во уште поинтензивен инвестициски циклус. Повеќе машини, повеќе градилишта, повеќе проекти и повеќе конкретни резултати за граѓаните“, истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи дека Платформата ја покажува посветеноста на Владата на транспарентност, дигитализација и отчетност. „Нашата цел не е само да градиме – туку да градиме чесно, видливо и мерливо. Нашата цел не е само да реализираме проекти – туку да воспоставиме нова култура на владеење каде секоја информација е достапна, секој чекор е документиран, а секое ветување е проверливо“, нагласи Мицкоски.

Тој подвлече дека со Платформата државата ја отвора фазата на институционална зрелост. Тука, граѓаните стануваат контролори на јавните ресурси. Одговорите не се даваат со зборови, туку со резултати. „Можам да кажам, оваа Влада ќе продолжи да работи на тој начин. Отворено. Одговорно. И во интерес на секој граѓанин на Македонија“, заклучи Мицкоски.

Владината портпаролка Марија Митева најави дека Платформата ќе продолжи да се надградува и во иднина.