Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе го пречека и ќе биде домаќин на претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама, кој е во официјална посета на државава.

Во рамки на посетата предвидена е тет-а-тет средба меѓу премиерите Ковачевски и Рама. Потоа, ќе се одржи билатерална средба на која покрај премиерите ќе присуствуваат и владините делегации од двете земји. Во состав на делегацијата предводена од премиерот Рама се Нико Пелеши, министер за одбрана, Мајлинда Дука, државен министер и главен преговарач на Република Албанија, како и заменик генералната секретарка, Елира Кокона.

Во состав на македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски се првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за правда, Кренар Лога, како и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.