Во денешната емисија „За или против“ на Алфа телевизија гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов кој остро реагираше на одлуката на Ислам Абази да го прекине процесот за судска постапка поврзана со набавката на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, случај вреден 167 милиони евра. Пренџов оцени дека ваквиот потег дополнително ја намалува и онака ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем и посочи дека очекува оштетената страна во случајот, ЕСМ, да поднесе жалба до Вишото јавно обвинителство, со цел, како што рече, да се преиспита одлуката на Обвинителството за организиран криминал.
„Оние 2% доверба кои што ги уживаше судството, денеска можеби се 1% а можеби се 0%, и со право. Она коешто утрово се случи, навистина ги поминува сите граници на нормалното, сите граници на она кое што можеби барем минимална пристојност на функционирање на судството да се поврзе и мислам дека ова е многу загрижувачки. Она коешто очекувам во следниот период е да оштетениот во случајот ЕСМ да поднесе барање, жалба до Вишото обвинителство, и овој срам Вишото обвинителство да си го покрие практично на Обвинителството за организиран криминал. Она коешто сме го зборувале, начинот на избор на обвинителите, политичките замешаности кои беа потенцијални во тој период, сега гледаме дека тие потенцијални сега можеби стануваат и фактички и од ден на ден стануваат се посериозни“, рече Пренџов.
Пратеникот порача дека институциите мора да продолжат со борбата против криминалот и корупцијата и покрај, како што рече, „жилавите структури“ кои се обидуваат да ги заштитат своите интереси и изрази уверување дека случајот повторно ќе се најде пред судските органи и дека во наредниот период ќе има разврска по жалбената постапка.
„Ние секојдневно се бориме со криминалот и корупцијата, да точно е жилави се, имаат инсталации и пипци насекаде, се држат еден со друг, но она што сакам да им порачам е тоа дека ќе бидат поразени и дека правда ќе има во Република Македонија. Ова се последните крици во овие две години да се вратиме на како до сега, на политички опструирани случаи, да се вратиме на она да одговараат луѓе за триста ќебапчиња, а за украдени 300 милиони да биде нешто нормално, тие ќе изгубат за многу кратко време, а овој случај сум убеден дека во следниот период оној кој што е оштетен, во случајот ЕСМ ќе си се обжали до Вишото јавно обвинителство и мислам дека тука треба да имаме случај кој судот потоа ќе го пресуди“, вели Пренџов.
