Гласноговорникот за правда, поборникот за подобро утре на секој граѓанин, актуелниот опозициски пратеник од ГРОМ, Љупчо Пренџов, вели дека викендот кој ни претстои на политички план ќе се случува само театартска претстава во Собранието каде ќе се избира новата Влада која во суштина е само реконструрана со нови 5, 6 членови. Смета дека новите министри ќе ја продолжат работата и ќе управуваат со “аминување“ од Заев.
Граѓаните во Македонија живеат се полошо а истовремено сме и држава со највисока инфлација, највеќе невработени и најголема корупција, вели Пренџов кој смета смета дека единствен излез од кризата се нови избори и нова Влада за нова надеж на граѓаните во оваа држава.

Утре во Законодавниот Дом започнува процесот за избор на новата Влада предложена од Димитар Ковачевски.
Како вие го оценувате новиот состав? Предничи ли квалитетот и квалификациите пред партиските интереси?

Пренџов: Ова не е нова Влада. Ова е Влада на континуитет. Според мене ова е своевидна реконструкција на владин состав. Не може да кажеме дека Влада со 5 или 6 нови членови може да претставува нова Влада или нова надеж помеѓу граѓаните.
Второ, суштината на театарската претстава во најава за викендов не е во тоа кој со кое министерство ќе раководи туку во начинот на избор на министрите. Во демократија владите управуваат со државата во името на граѓаните, избрани на непосредни избори со тајно гласање. Кај нас со оваа влада тоа не е случај. Тие ќе управуваат со Р. Македонија со “амин“ на Заев. Впрочем и тој се повлече во моментот кога го испреговара новото парламентарно мнозинство. Исто како во историските холивудски филмови кога кралот го допира некого по десното рамо со мечот и од моментот на тој допир тој (избраниот) може да управува со тоа за кое што бил именуван од кралот.
Во врска со новиот мандатар, се сеќавам, кога беше изборот за заменици министри јас од говорница кажав дека човекот е преквалификуван за таа позиција затоа што во споредба со другите кандидати навистина имаше многу подобар курикилум. Јас, како либерал, ги почитувам индивидуалните успеси кои секој од нас треба да ги има на полето во кое работи и делува. Ковачевски бил директор во двете најмоќни телекомуникациски куќи во Македонија, и тоа е неспорно лично достигнување, но таму, за разлика од СДСМ, ДУИ, ЛДП, ДОМ, ДС и останатите кои се нарекуваат Влада, се доаѓа со знаење, способност, исполнителност и одговорност. Сите овие карактеристики во СДСМ, ДУИ и во Владата ги нема, напротив, таму царува неработливоста и неинвентивноста, зачинети со криминал, корупција и непотизам. И конечно, гледајќи го начинот на распределба на ресорите, не сум убеден дека СДСМ е столбот на оваа Влада.

Сметате ли дека овој владин состав ќе ве удостои вас пратениците барем со законската обвсрка последниот четврток во месецот да оговара на пратенички прашања?

Пренџов: Пратенички прашања сме немале од пред летните одмори. Тоа е стилот на владеење. На јавноста и е познат и јасен, и истата плебисцитарно гласаше против таквите политики на локалните избори оваа есен. Како тоа, Владата била во оставка и не можела да одговара пред Собранието и јавноста а истовремено носи полноважни одлуки и ги троши народните пари? Ароганцијата и самобендисаноста се веќе со децении својствени за СДСМ. Ние во оваа држава мораме да се научиме на демократија. Граѓаните гласаат за пратеници и ние одговараме пред нив. Пратениците гласаат министри и тие одговараат пред пратениците. Одговорајќи пред прашањата на пратениците, на јавна Седница, всушност извршната власт одговара пред оние кои ја плаќаат – пред граѓаните, и затоа сметам дека пратенички прашања треба да има најмалку 2 пати месечно во соодност од три спрема еден во корист на опозицијата. На секои три прашања од страна на опозицијата, власта да постави едно. Тоа е добро за државата, за демократијата но тоа е добро и за владините министри. Да не забегуваат, да бидет приземјени. Да бидат поодговорни и повредни затоа што ќе знаат дека за нивното работење или неработење ќе го добијат и судот од јавноста. Мораме да направиме добри практики. Во политиката денес едни се на власт, утре други, и тоа е нормално. Важно е што сте оставиле позади себе како наследство на следните генерации.

Очекувате ли Владата на Ковачевски да го “истера“ мандатот до крај, или пак ова е преодна Влада до следни предвремени избори?

Пренџов: Не знам колку месеци ќе издржи владата на Ковачевски ама знам дека огромно мнозинство на наши сограѓани едвај врзуваат 1-ви со 1-ви. Едноставно живеачката е се потешка, инфлацијата и поскапувањата си го прават своето. Ние сме држава која во еден ден на седница на Собрание прогласи истовремени три кризни состојби: мигрантска, здравствена и енергетска кризна состојба. Каде и да отворите, кој сектор да го земете ние сме во криза освен Владата, таму имаме блескање, прав пат, најдоброто за вас и останатите трагикомични епитети кои сами на себе си ги доделуваат. Ние сме држава со најниска просечна плата во регионот, држава со најмалку странски инвестиции, со најнизок бруто-домашен производ…Но, истовремено сме и држава со највисока инфлација, највеќе невработени и најголема корупција. Тоа е суштината на проблемот, а единствениот излез е нови избори и нова влада за нова надеж на граѓаните во оваа држава.

Пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција ја условуваат нивната натамошна поддршка на новата Влада со барање во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик. Тие на 12-ти јануари доставија барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во најбрз рок да се закаже пленарна седница на која ќе се расправа за предлогот за измени на Изборниот законик, доставен пред 11 месеци? Значи ли ова губење на 64 пратеници и можност за предвремени избори?

Пренџов: Последните реченици од предходниот мој одговор се показател зашто за мене техниката на избор на политичари е од стото разредно значење. Кога политиката ќе ја оствари примарната цел за која постои а тоа е како до подобро утре за секој еден наш сограѓанин тогаш може да разговара и да троши време за начинот и техниката на избор на пратеници. Триесет години македонската јавност се замајува со се и сешто додека сите околу нас одат напред а ние стагнираме. И тоа се од едни исти ликови кои ги водат овие “процеси“ на замајување на јавноста со тривијални работи наместо со суштина.
Од она што го знам пратениците на ЛДП, ДОМ и ДС на Павле Трајанов ова го бараат веќе петта година од нивните коалициони партнери СДСМ и ДУИ. Истите имаат 64 пратеници и можат да го донесат кога сакаат. Не знам која е причината да се заморува македонската јавност со тоа што владините коалициони партнери не можат пет години да донесат законско решение кое им било основ за коалиција. Не ги разбирам ниту позициите на овие пратеници во Собранието. Од една страна ги обвинуваат СДСМ и ДУИ за неисполнети ветувања кон нив а од друга страна седат заедно, сложно си гласаат и си ги користат придобивките од власта.
Затоа како пратеник од новата генерација се трудам да се држам настрана од вакви наметнати теми и да се концентрирам на суштината која ја ветуваме сите пред избори, а тоа е како до подобра економија во државата, здравство, правосуден систем, образование итн, вели Пренџов за Лидер.