Тројца мажи денеска се осудени на вкупно 30 години затвор за убиството што го извршија минатата година пред казино во центарот на Кавадарци.

Основниот суд Кавадарци донесе првостепена пресуда со која тројцата кавадарчани Д.Б. (27), М.Ѓ. (36) и Д.С. (28) ги прогласи за виновни за убиството и на секој од нив му изрече казна затвор од по 10 години.

Од судот информираат дека во текот на постапката немало признание на вина. По изрекувањето на пресудата на неправосилно осудените им е продолжен притворот.

Странките имаат право на жалба на пресудата.

Основното јавно обвинителство Кавадарци најави дека ќе ја обжали пресудата, бидејќи не е задоволно од висината на изречената казна.

Убиството се случи на 27 август 2025 година, во раните утрински часови, пред казино на улицата Никола Минчев во центарот на Кавадарци. Според обвинението, на настанот му претходела вербална расправија во казиното, по што тројцата обвинети излегле надвор заедно со убиениот, 43-годишниот П.Т. Пред казиното физички го нападнале, удирајќи го со тупаници и со клоци по главата и по телото.