Осум лица се лишени од слобода вчера и рано утрово по пријави за физички напади, закани, агресивно однесување и непочитување судски мерки за заштита од семејно насилство, соопштија од Министерството за внатрешни работи. Полициските службеници поднеле и две кривични пријави за одделни случаи во Кочани и Делчевско, а извршиле и службен разговор по пријава за напад врз партнерка во Скопје.

Во Кочани, полицијата утрово во 2:30 часот го лишила од слобода К.А. (40). Според пријавата, тој во домот на роднини на неговата сопруга физички ги нападнал своите малолетни деца и други членови на семејството. За случајот е известен јавен обвинител, а по неговото целосно документирање ќе следува соодветна пријава.

Во Тетово, полициски службеници синоќа во 21:20 часот на улицата „Илинденска“ го лишиле од слобода Ј.М. (49) од гостиварското село Балин Дол. Неговата 38-годишна сопруга, со која е во бракоразводна постапка, пријавила дека тој ја следел и упатувал сериозни закани. Според пријавеното, вчера околу 17:05 часот дошол во салонот каде што таа работи, по што настанала вербална расправија во која се заканил дека ќе ѝ ги одземе двете заеднички малолетни деца. За настанот се известени јавен обвинител и Центарот за социјална работа во Тетово, а по документирањето ќе следува соодветен поднесок.

Во Кичево, вчера во 16:20 часот бил лишен од слобода З.З. (56) од Кичевско, кој, според полицијата, не го почитувал правосилното судско решение со кое му биле изречени привремени мерки за заштита од семејно насилство кон неговата 49-годишна сопруга, со која се наоѓа во бракоразводна постапка.

Во Македонска Каменица, полициски службеници синоќа во 20:30 часот го лишиле од слобода Г.Г. (34), по пријава дека упатувал закани и физички ја нападнал својата 23-годишна сопруга, за што веднаш бил известен јавен обвинител. Во Гостивар, во 23 часот бил лишен од слобода и задржан во полициска станица М.Е. (32), чија 28-годишна сопруга пријавила дека тој ѝ се заканувал по телефон додека таа престојувала со двете малолетни деца во Медицинскиот центар во Гостивар.

Во Куманово, во два одделни случаи, полицијата вчера ги лишила од слобода М.М. (26), по пријава дека се однесувал агресивно кон својата мајка, како и Б.С. (38), по пријава дека физички ја нападнал својата поранешна сопруга.

Во Струмица, полицијата го лишила од слобода Д.К. (36), кој, според пријавата, синоќа околу 20:50 часот се однесувал агресивно кон Б.К. (52) пред нејзиниот семеен дом. При извршеното алкотестирање кај него биле измерени 2,58 промили алкохол во крвта, по што бил задржан во станица, а за инцидентот е известен јавен обвинител.

Во Полициската станица Чаир вчера бил извршен службен разговор со Е.Б. (44) од Скопје по пријава дека физички ја нападнал својата 39-годишна партнерка, по што ќе следува соодветен поднесок по расчистување на случајот.

Одделението за внатрешни работи Кочани поднело кривична пријава против Ј.Д. (67) од Кочани поради основи на сомнение за кривично дело загрозување на сигурноста, бидејќи на 3 ноември во семејната куќа агресивно се однесувал кон сопругата и ѝ упатувал сериозни закани.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднела кривична пријава против А.Л. (45) од делчевско село поради основи на сомнение за дела телесна повреда и загрозување на сигурноста, бидејќи на 7 ноември во семејниот дом го навредувал своето 13-годишно дете, а следниот ден се обидел да го нападне со стаклен предмет, предизвикувајќи физичка пресметка.