Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува оставки од членови на владата и други одговорни лица поради трагедијата што се случи на железничката станица во Нови Сад, каде што падот на настрешницата одзеде 15 животи.
Во обраќањето до јавноста од Палата Србија, Вучиќ нагласи дека одговорноста е неизбежна и дека утре ќе бидат поднесени оставки на повеќе нивоа.
-
„Одговорноста не може да се избегне. Очекувам оставки во владата и на други места“, изјави Вучиќ, додавајќи дека мора да се воспостави кривична одговорност за да се врати довербата во институциите.
Голема кривична одговорност за трагедијата во Нови Сад
Претседателот нагласи дека несреќата, во која загинаа 15 лица, не била предизвикана од нивна вина, туку поради пропусти на одговорните. Според него, институциите мора да покажат решителност и транспарентност во истрагата, додека државата има обврска да ги пронајде и санкционира виновните.
-
„Мора да има голема кривична одговорност, бидејќи 15 лица не загинале по своја вина, туку затоа што некој не си ја завршил работата правилно и согласно законот“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека, иако нема докази за намерна причина за трагедијата, незнаењето, неспособноста и неодговорноста не можат да бидат оправдување.
Опозицијата бара итни мерки и одговорност за трагедијата
Опозицијата остро реагираше на настанот, барајќи итно кривично гонење на сите одговорни за трагедијата. Според претставниците на опозицијата, инцидентот е јасен показател за системски пропусти кои бараат одлучен одговор од институциите.
Во несреќата, која се случи на 1 ноември, покрај 15 загинати, двајца лица останаа тешко повредени. Тие се наоѓаат под постојана медицинска нега во Универзитетскиот клинички центар во Војводина, а нивната состојба е сè уште критична.
Претседателот Вучиќ за иднината на Србија
Вучиќ изјави дека го информирал премиерот Милош Вучевиќ дека е подготвен да преземе сè што е потребно за стабилноста на земјата до крајот на својот мандат. Тој истакна дека Србија мора да продолжи напред и дека нема да дозволи трагедијата да ја запре државата.